Печати

Среда, 29 септември 2021 година, Скопје: Промоција на самоводечка, велосипедска прошетка Скриените музеи во Скопје со аудио напатствија за движење до повидливи културни локалитети во Скопје и околината. 

Ова е целта на настанот кој оваа сабота, 2-ри Октомври, со почеток во 10 часот и со две разлилни рути (една во централното градско подрачје, а друга во периферијата на Скопје) го организира Здружението на граѓани Одржливи иницијативи. Настанот е дел од проектот „Скриените музеи на Скопје“, реализиран од страна на Здружението на граѓани Одржливи иницијативи, а во соработка со Музеј на Град Скопје и финансиска поддршка од Министерство за култура и Град Скопје.

„Скопје има музеи и значајни културни локации кои јавноста не ги забележува. Или, што е уште по интересно, многу луѓе слушнале за нив, но немале прилика да ги видат или не знаат каде се наоѓаат, како пример за Римскиот аквадукт.“ вели Бакалова Мери од Одржливи иницијативи. 

Оваа сабота ограничен број на учесници ќе имаат можност да ги испробаат аудио напатствијата и да ги следат рутите. Ќе бидат промовирани две рути, една низ централното градско подрачје на Скопје во должина од 5 км, додека другата во периферијата на Скопје во должина од 35 км. Во двете рути вклучени се не толку познати музеи и локалитети. 

„Најголемиот предизвик ни беше да ги поврземе со велосипедска рута која нема да ги изложи посетителите на непотребна опасност од моторни возила. При тоа внимававме движењето да се одвивиа пред се по велосипедски патеки, но за некои делови, едноставно моравме да вклучиме движење по коловоз, или движење по земјени патишта бидејќи тие делови не се поврзани со велосипедска патека. Сепак, внимававме фреквенцијата на возила да е што е можно најмала, а напатствијата ги информираат корисниците за сите карактеристики на рутата за да можат  да проценат дали е таа соодветна за нив.“ објаснува Бојан Ранташа, советник за рурален развој и туризам. 

Посетителите со помош на напатствијата ќе може да ги посетат: Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработување на оружјеза време на НОВ 1941-1944 во Скопје; Куќата на Лазар Личеновски (од надвор); Музејот на МНТ; Музејот на старата скопска чаршија; Споменик музејот на Народноослободителната војна и револуцијата; МАНУ; Скупи; Римскиот аквадукт; Дендро паркот; и Ботаничката градина. Напатствијата ќе бидат достапни и бесплатни за користење по промотивниот настан, а се изготвени на македонски и на англиски јазик. 

Посетителите со користење на напатствијата ќе може да ги посетат музеите и локалитетите тогаш кога нив им одговара и да го направат во нивен ритам, односно без создавање на гужви, а аудио записите ќе им раскажат нешто повеќе за објектите, односно поставките. 

„Во подготовката на рутите имавме одлична соработка со институциите и повеќето се отворени за гости. Но поради пандемијата со ковид-19 вирусот, за посета во дел од музеите потребна е претходна најава по телефон или е-мејл.“ додава Бакалова. 

Овој настан е можност учесниците да ги посетат музеите кои вообичаено не се отворени за викенд. 

Настанот се организира во согласнот важечките анти-ковид мерки и протоколи, а тие кои сакаат да учествуваат на промотивната прошетка треба да се пријават преку порака на Фејсбук профилот на одржливи иницијативи или на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..

 


За понатамошни информации, Ве молиме контактирајте ги:

Мери Бакалова, координатор на проектот - 076 486668

Бојан Ранташа, советник за велосипедски туризам - 070 876353

 

За ЦОИ:

Центарот за одржливи иницијативи основан е во 2008.

Неговата мисија е да овозможи одржлив развој на заедницата во Македонија обезбедувајќи стручност и поддржувајќи граѓански иницијативи.

Забелешка за уредници:

    • Линк до фејсбук настанот: https://fb.me/e/TIw62sXV  

    • Линк до фејсбук профилот на одржливи иницијативи:  https://www.facebook.com/odrzliviinicijativi/ 

    • Линк до апликацијата за самоводечки тури: https://izi.travel/en 

Ве молиме кредитирајте го ЦОИ за фотографиите, доколку не е наведено поинаку.

Фотографии: