Градови и велосипеди - Скопје


Работилницата „Градови и велосипеди” заедно со предавањето на експертот Вим ван дер Вијк претставува иницијатива што преку странските и домашните искуства и експертиза цели да се добијат идеи применливи во локални услови и притоа да се овозможи образовање на група од млади архитекти со основните предзнаења за градско планирање за велосипеди – градски велосипедски патеки.

Студентите од Архитектонскиот факултет-Скопје имаа цел да предложат
спроведливи идејни решенија за велосипедски патеки што ќе придонесат во
подобрувањето на градското возење велосипед. Нивната работа беше
водена и се надгради врз постојниот Основен план за употреба на
велосипеди во Скопје (2004), потоа врз искуствата на многубројни
институции и организации истакнати на Велосипедскиот форум 2010, Скопје,
и врз експертизата на Вим ван дер Вијк и на асистентите од Архитектонскиот
факултет-Скопје.

Во рамките на работилницата беа понудени решенија за три типа
велосипедски патеки:

туристички: велосипедски патеки што ги поврзуваат значајните туристички знаменитости и што овозможуваат поедноставно движење и запознавање на локалитетот и на неговите знаменитости за туристите-велосипедисти што го посетуваат.

рекреативни: велосипедски патеки што ги поврзуваат рекреативните зони во градот и што може да се вклопат во системот на веќе постојните велосипедски патеки.

градски потреби: велосипедски патеки што им користат на сите граѓани и овозможуваат квалитетен и безбеден велосипедски сообраќај, а со тоа и зголемување на квалитетот на живеењето на територијата на градот.

Земи ја брошурата: pdf, 5,5Mb.