Столарска едукативна работилница за развивање на лични вештини
- Откриј го столарот во себе -
Столарска едукативна работилница ќе трае 6 месеци, од ноември 2022 година до април 2023 година, два пати неделно по два часа (одбирате термин кој вам ви одговара при пријавувањето) во просториите на Пасворд продакшн, каде ќе бидат активностите на Столарскиот едукативен центар, на ул 8ма Ударна Бригада бр. 39/-1. Првиот термин е на 23 ноември 2022 година.
Наменета е за лица кои сакаат да стекнат лични столарски вештини и сакаат да се занимаваат со столарство. Искуство не е потребно. Поттикнуваме да се пријават жени.
Во работилницата го имаме потребниот алат и материјали за спроведување на активностите. Ваше е да понесете лична заштитна опрема (заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина.
Групите ќе бидат ограничени на 10 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од инструкторите - професионални столари и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот.
Материјали кои ќе се употребуваат во работилницата се пред сè иверка и дрво. Материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел од компаниите - наши поддржувачи, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. „Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба.“
Работниот јазик е македонски.
Котизација за учество во работилницата е 30.000,00 денари, по 5000 денари месечно - на почетокот на секој месец. Попуст од 16% за уплата на целата котизацијата пред почетокот на работилницата - 25.000,00 денари.
Пријавувањето на работилницата е отворено до 17 ноември. Пријавувањето ќе се врши на принципот - први пријавени - први услужени. За пријавени ќе се сметаат тие лица кои ќе имаат пополнето пријава и уплатена котизација. За да се спроведе работилницата потребни се најмалку 6 учесници.
Оваа работилница е спроведувана од страна на здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а е поддржана од компаниите: Акрон, Фамод, Бранимир компани, Про-дизајн, Сканда дизајн, Југоимпекс, Блажич, Монозеро, Прима промет, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн.
Стекнете вештини кои ќе ви користат до крајот на животот.
Што е Столарска едукативна работилница за развивање на лични вештини
Тоа е процес во кој ќе започнете да ги градите вештините кои се потребни за да станете надежен столар - да користите рачен алат и да размислувате функционално и креативно; и при тоа ќе откриете дали столарството е работа која сакате да ја правите.
После завршувањето на работилницата учесниците ќе имаат знаење и пракса за употреба на рачен алат (рачна пила, рачна јапонска пила, столарски стеги), рачен електричен алат (дупчалка, убодна пила, циркулар) и соодветни додатоци и шаблони кои ќе ви ја олеснат работата. Ќе стекнат и вештини на правење план за работа (сечење, спојување), читање на планови, пренесување на мерки на материјалот, спојување под прав агол и др.
Работилницата на кратко:
- Дизајнирана е за да ви помогне за да се решите дали столарството е за вас.
- Шест месеци активно учење низ работа.
- Активности два пати неделно, во попладневни термини после 17 часот.
- Искусни професионалци ви го пренесуваат своето знаење од столарската професија.
- Ви дава компетитивна предност додека започнувате да се занимавата се столарство.
- Ве поврзува со професионалци.
- Активностите се одвиваат во работилница во централно градско подрачје.
- Работилниците се развиени од професионалци и експерти во својата област.
- Доколку размислувате дали столарството е ваша идна професија, преку работилницата може да се поврзете со нашите компании поддржувачи кои може ќе ви понудат работа.
Кој може да учествува на работилницата.
Основни критериум за учество на работилницата:
- Да сте полнолетни - наполнети 18 години или повеќе.
- Да имате завршено најмалку основно образование (пожелно средно образование).
- Да имате способност јасно да комуницирате на македонски јазик.
- Да имате основни познавања математика.
Пожелно е:
- Да имате или да сакате да си извадите осигурување против незгода.