Велосипедски - образовна и техничка посветеност за сите оние кои возат или сакаат да возат велосипед.
Социјален - за меѓусебно дружење и за меѓусебно помагање.
Центар - место каде велосипедисти може да се собираат.
Педала - придвижувано напред од нашата, заедничка, сопствена сила.
Центарот за развој и подобрување на велосипедската култура „Педала“ е идеја за која конечно најдовме поддрша од Центарот за истражување и креирање на политики, во рамките на нивниот проект „Паметен почеток“, со тоа и индиректно преку нив од Европската Унија, да ни помогнат во воспоставување на Велосипедски социјален центар во Скопје.
Велосипедскиот социјален центар е замислен како центар за обука и образование поврзано со велосипедизмот, место за сервис на велосипеди, простор за здружување на велосипедисти и поддржувач на велосипедската култура во Скопје. При што кога велиме велосипедизам ние размислуваме за одржлив градски превоз кој е решение за сообраќајниот метеж во Градот, мерка кон почист воздух, физичка активност која води кон подобро здравје на граѓаните и извор на насмевки.
Оттука велиме дека наша мисија ни е да „шириме насмевки, преку поттикнување повеќе луѓе да возат велосипед, да подадеме рака на лицата кои имаат потреба, и да создадеме поубав град“.
Активностите кои ќе ги врши Велосипедскиот социјален центар, а кои не се ограничени само на овие, се:
- работилници за поправка и одржување на велосипед, како промена на гума и сето она што секој велосипедист треба да го знае за да си го одржува велосипедот;
- можност за самостојно одржување и поправка на велосипед, набавивме алат кој ќе биде достапен за користење на граѓаните;
- работилници за рециклирање и реупотреба на велосипедски отпад, каде ќе се креираат корисни или украсни предмети и ќе се подига свеста за отпадот;
- поправање на донирани велосипеди и нивно подарување на лица кои им се потребни;
- мобилен сервис на велосипеди кој ќе делува на посебни настани, активности и други организирани дејствија;
Велосипедскиот социјален центар е планиран да биде само-одржлив, преку приходи од членарина на граѓаните и организациите но и од котизации за работилниците кои ќе ги организираме.
„Педала“ е отворена за соработка, особено што предвидено е бројни работилници да се одржуваат токму во партнерство со стручни лица, уметници, активисти и сите оние кои може да придонесат за подобра градска, велосипедска култура.
Повеќе за тековните активности може да се информирате на Фејсбук или Инстаграм
Поради кризата со Корона вирусот, Центарот е затворен. Центарот ќе продолжи со работа по надминување на кризата и враќање на можноста за собирање во групи. Ве молиме следете ги нашите социјални страници на Фејсбук и/иили Инстаграм за информирање.
Контакт: Александар Савески, Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.