Кога ќе започне првата едукативна работилница?

  • Првиот термин е на 23 ноември.

 

Колку трае програмата

  • Програмата вкупно трае 84 часа инструктажа - практична работа. А ќе има и дополнителни посети на столарски погони и работилници. Часовите се распределени во 6 месеци, од ноември 2022 година до април 2023 година.

 

Кога ќе бидат часовите?

  • Предвидено е да се одвиваат часовите два пати неделно. По ваш избор можете да се пријавите за група секој понеделник и среда или секој вторник и четврток. При тоа има можности за два термини во тие денови: еден термин е од 17:00 до 19:00 часот и друг термин е од 19:30 до 21:30 часот. На вас ќе биде, во процесот на пријавување, да одредите кој термин најмногу ви одговара.

 

Дали ќе се работи за празници?

  • Доколку на денот на работилницата е државен празник, нема да има работилница. Исто така во периодот веднаш после нова година ќе се направи пауза.

 

Што ако отсуствувам од час, како ќе надокнадам?

  • Во случај да испуштите часови тоа релативно лесно се надокнадува на следното доаѓање со помош на колегите и на инструкторот.  По потреба можеме да договориме дополнителен термин меѓу два часа, каде вие сами ќе работите со цел да довршите задачите по инструкциите поставени на часовите.

 

Дали програмата е цело време во работилница

  • Да. Но може да се прошетаме и до некој погон на компаниите - поддржувачи.

 

Дали ни треба алат?

  • Не. Целиот алат кој ви треба го имаме во работилницата.

 

Дали има гаранција за работа кога работилницата ќе се заврши.

  • Не. Со успешно завршување на програмата добивате препорака во однос на вашиот покажан интерес и вештини кај компаниите кои се наши поддржувачи.

 

Дали треба нешто да понесам со себе?

  • Потребно е да имаш своја лична заштитна опрема која ќе се состои од: 
    • проѕирни заштитни наочари;
    • заштитни ракавици кои ќе ви бидат удобни, а кои ќе ве заштитат од можни гребаници;
    • FFP2/N95 заштитна маска за лице, која пожелно има издувен вентил; и
    • тампони за уши за заштита на слухот во случај кога работите со бучни алати.

 

Каде може да извадам осигурување во случај од незгода?

  • Осигурување во случај од незгода може да извадите од било која осигурителна компанија, а чини околу 1200 денари годишно, или 100 денари месечно.

 

Како да се облечам за на активностите?

  • Облеката треба да ви биде соодветна како за работа. Можно е понекогаш да има прашина, а можно е понекогаш да има и масло. Ќе има простор и можност каде ќе може да се преслечете.

 

Дали просторот има прозор за вентилација?

  • Просторот се наоѓа едно ниво под земја, но е поврзан и има отворен пристап до двор со што има можност за природна вентилација, дополнително постои и систем за вентилација.

 

Дали има паркинг за велосипеди?

  • Пред просторот, на ул. Димитрие Чуповски, на прометна и видлива локација има паркинг за велосипеди на Општина Центар од типот „П“, каде може да се врзат шест велосипеди.

 

Како можам да пристигнам до работилницата со автобус?

  • Доколку користите автобус, најсоодветно е да земете автобус кој ќе ве однесе до „Багат“, односно „Рекорд“ или „Музичка младина“, броеви: 3, 4, 5, 7, 15, 21, 22, 24, 26, 33, 44, 50, 57 и 59.

 

Каде може да паркирам автомобил?

  • Просторот се наоѓа во строгиот центар на градот каде паркингот е многу ограничен. Најдобро е да паркирате во една од катните гаражи или поголемите паркинзи, па да дојдете пешки.

 

Која е цената за учество во работилницата?

  • Цената за учество во работилницата е 30.000,00 денари. Може да уплатите на рати по 5000 денари месечно (ноември, декември, јануари, февруари, март и април) или доколку платите однапред добивате попуст и може да платите само 25.000,00 денари котизација.

 

Што со предметите кои ќе бидат изработени во процесот?

  • Ќе се изложат пред јавноста, при што ќе се направи продажна изложба а средствата собрани од продажбата ќе бидат наменети за формирање на фонд за стипендирање на лица од загрозени семејства (сиромашни) да можат да учествуваат на оваа работилница.

 

Како да се пријавам?

  • Пријавувањето се врши преку пополнување на формуларот на сајтот на здружението на граѓани Одржиливи иницијативи: https://inicijativi.org.mk/index.php/mk/пријави-се-откриј-го-столарот-во-себе 

 

Кога можам да се пријавам?

  • Пријавувањето е отворено од 17 ноември 2022 година.

 

Како и кога ќе знам дали ќе бидам дел од работилницата?

  • Штом ќе пополните пријава ќе бидете контактирани за уплата на котизацијата, а откако уплатите ќе ви биде испратена потврда дека сте пријавени.

 

Што ако не се пријават 6 лица за работилницата?

  • Во тој случај ќе ви дадеме можност да учествувате во друг термин или на друга работилница, или да почекате да отвориме нов повик се додека не се соберат доволно учесници.