Глобален еколошки фонд Програма за мали грантови -
- ГЕФ ПМГ Република Северна Македонија
----- Локални акции за глобално влијание -----
Здружение на граѓани Одржливи иницијтиви - Скопје
Столарска едукативна работилница за развивање на лични вештини
- Откриј го столарот во себе -
Столарска едукативна работилница ќе трае две сесии по 3 месеци, од април до јуни, и од септември до ноември, секој понеделник и среда од 19 до 21 часот во просториите на Пасворд продакшн, каде ќе бидат активностите на Столарскиот едукативен центар, на ул 8ма Ударна бригада бр. 39/-1. Првиот термин е на 6 април од 19 часот.
Наменета е за лица кои сакаат да стекнат лични столарски вештини и сакаат да се занимаваат со столарство. Искуство не е потребно. Предност за учество на работилницата имаат невработени лица, жени и лица до 35 години возраст.
Во работилницата го имаме потребниот алат и материјали за спроведување на активностите. Ваше е да понесете лична заштитна опрема (маска или марама заради спроведување на корона протокол, заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина.
Групите ќе бидат ограничени на 10 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од професионалците и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот. Во исклучителни ситуации, може да решиме тој број да се зголеми или намали, при што ќе внимаваме на можноста да се одржи атмосферата, динамиката и ефективноста на работниот и едукативен процес.
На 28 март, од 18 до 20ч, сите заинтересирани ќе имате можност да се запознаете со просторот, работилницата и тимот на професионалци кои ќе ги држат работилниците.
Материјали кои ќе се употребуваат: иверка, шпер плоча и дрво. Материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба.
Работниот јазик на работилницата е македонски.
Предметите кои ќе бидат изработени во рамки на работилницата која е поддржана од ГЕФ ПМГ РСМ, ќе бидат донирани, односно подарени.
Оваа работилница е дел од проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, сроведуван од страна на здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а финансиски поддржано од ГЕФ ПМГ РСМ. Компании поддржувачи на работилницата: Акрон, Фамод, Бранимир компани, Про-дизајн, Југоимпекс, Дрвотекс, Блажич, Монозеро, Прима промет, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн. Благодарение на таа поддршка, пилот работилнициата ќе биде бесплатна.
Пријавувањето на работилницата е отворено до 30 март, а избраните лица ќе бидат известени до 2 април.
Стекнете вештини кои ќе ви користат до крајот на животот.
Што е Столарска едукативна работилница за развивање на лични вештини
Тоа е процес во кој ќе започнете да ги градите вештините кои се потребни за да станете надежен столар - да користите рачен алат и да размислувате функционално и креативно; и при тоа ќе откриете дали столарството е работа која сакате да ја правите.
После завршувањето на работилницата учесниците ќе имаат знаење и пракса за употреба на рачен алат (рачна пила, рачна јапонска пила, столарски стеги), рачен електричен алат (дупчалка, рачна брусилка, рачна глодалка, циркулар) и соодветни додатоци и шаблони кои ќе ви ја олеснат работата. Ќе стекнат и вештини на правење план за работа (сечење, спојување), читање на планови, пренесување на мерки на материјалот, спојување под прав агол и др.
Тие кои ќе ја завршат оваа работилница ќе може да продолжат од септември во вториот дел: Откриј го столарот во себе 2, каде ќе се работат понапредни проекти.
Работилницата на кратко:
- Дизајнирана е за да ви помогне за да се решите дали столарството е за вас.
- Три месеци активно учење низ работа.
- Активности два пати неделно, во попладневни термини после 17 часот.
- Искусни професионалци ви го пренесуваат своето знаење од столарската професија.
- Ви дава компетитивна предност додека започнувате да се занимавата се столарство.
- Ве поврзува со професионалци.
- Активностите се одвиваат во работилница во централно градско подрачје.
- Работилниците се развиени од професионалци и експерти во својата област.
- Доколку размислувате дали столарството е ваша идна професија, преку работилницата може да се поврзете со нашите компании поддржувачи кои може ќе ви понудат работа.
Кој може да учествува на работилницата
Основни критериум за учество на работилницата:
- Да се полнолетни - наполнети 18 години или повеќе.
- Да има завршено најмалку основно образование (пожелно средно образование).
- Да има способност јасно да комуницира на македонски јазик.
- Да има основни познавања по математика.
- Да се обврзе на полно учество во работилницата.
Предност се дава доколку кандидатите се:
- Жени
- Невработени лица
- На возраст од 18 до 35 години
Пожелно е:
- Да има или да сака да си извади осигурување против незгода.
Прашања кои ве мачат:
Кога ќе започне првата едукативна работилница?
- Првиот термин е на 6 април од 19 часот.
Колку трае програмата
- Програмата вкупно трае 88 часа инструктажа, 9 часа теренски посети и можност за уште 88 часа пракса (довршување на проекти), часовите се распределени во две сесии по 3 месеци, од април до јуни, и од септември до ноември. Во саботите ќе може да закажете термин за довршување на проектите.
Дали мора да потврдам учество за двете сесии (првата од април до јуни и втората од септември до ноември)?
- Пожелно е, но не е задолжително. Пред почетокот на втората сесија ќе имаме повторно повик но каде ќе биде потребно некакво предзнаење за вклучување.
Кога ќе бидат часовите?
- За првата пилот работилница предвидено е да се одвиваат часовите секој понеделник и среда од 19 до 21 часот со можност за дополнителни но необврзувачки активности во саботите. Односно, тоа ќе зависи од вас и вашите способности да ги завршите зададените проекти во рамките на даденото време.
Дали програмата е цело време во работилница
- Не. Во програмата е вклучена и посета на погон.
Дали ни треба алат?
- Не. Целиот алат кој ви треба го имаме во работилницата.
Дали има гаранција за работа кога работилницата ќе се заврши.
- Не. Со успешно завршување на програмата добивате препорака во однос на вашиот покажан интерес и вештини кај компаниите кои се наши поддржувачи.
Дали треба нешто да понесам со себе?
- Потребно е да имаш своја лична заштитна опрема која ќе се состои од:
- маска или марама заради спроведување на корона протокол;
- проѕирни заштитни наочари;
- заштитни ракавици кои ќе ви бидат удобни, а кои ќе ве заштитат од можни шпици;
- FFP2/N95 заштитна маска за лице, која пожелно има издувен вентил; и
- тампони за уши за заштита на слухот во случај кога работите со бучни алати.
Што доколку не сум финансиски способен да си набавам лична заштитна опрема?
- Слободно обратете ни се, ќе најдеме начин како да ви помогнеме.
Каде може да извадам осигурување во случај од незгода?
- Осигурување во случај од незгода може да извадите од било која осигурителна компанија, а чини околу 1200 денари годишно, или 100 денари месечно.
Како да се облечам за на активностите?
- Облеката треба да ви биде соодветна како за работа. Можно е понекогаш да има прашина, а можно е понекогаш да има и масло. Ќе има простор и можност каде ќе може да се преслечете.
Дали просторот има прозор за вентилација?
- Просторот се наоѓа едно ниво под земја, но е поврзан и има отворен пристап до двор со што има можност за природна вентилација, дополнително постои и систем за вентилација.
Дали има паркинг за велосипеди?
- Пред просторот, на ул. Димитрие Чуповски, на прометна и видлива локација има паркинг за велосипеди на Општина Центар од типот „П“, каде може да се врзат осум велосипеди.
Како можам да пристигнам до работилницата со автобус?
- Доколку користите автобус, најсоодветно е да земете автобус кој ќе ве однесе до „Багат“, односно „Рекорд“ или „Музичка младина“, броеви: 3, 4, 5, 7, 15, 21, 22, 24, 26, 33, 44, 50, 57 и 59.
Каде може да паркирам автомобил?
- Просторот се наоѓа во строгиот центар на градот каде паркингот е многу ограничен. Најдобро е да паркирате во една од катните гаражи или поголемите паркинзи, па да поодите пешки.
Која е цената за учество во работилницата?
- Цената за учество во работилницата е 250,00 денари од час. Оваа работилница има два пати по 44 часа односно два пати по 11.000,00 денари. Меѓутоа, благодарение на поддршката од ГЕФ ПМГ РСМ и проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, првата, пилот работилница е бесплатна.
Како да се пријавам?
- Пријавувањето се врши преку пополнување на формуларот на сајтот на здружението на граѓани Одржиливи иницијативи.
Кога можам да се пријавам?
- Пријавувањето е отворено од 22 март до 30 март 2022 година.
Како и кога ќе знам дали ќе бидам дел од работилницата?
- Учесниците кои ќе бидат дел од работилницата ќе бидат известени по е-пошта пред 2 април 2022 година.