Глобален еколошки фонд   Програма за мали грантови -

- ГЕФ ПМГ Република Северна Македонија

-----   Локални акции за глобално влијание   ----- 

Креативна столарска работилница:

Статуетка за најдобар еколошки филм

 

Креативната столарска работилница ќе трае од 21 јуни до 30 јуни, секој вторник и четврток, по два часа, во просториите на Пасворд продакшн, каде се одвиваат активностите на Столарскиот едукативен центар, на ул 8ма Ударна бригада бр. 39/-1. Првиот термин е на 21 јуни од 18 часот.

Наменета е за сите кои поседуваат креативност, некакво познавање и искуство со рачен и рачен електричен алат, а сакаат да ги подобрат своите вештини за користење на рачен електричен алат преку работа под водство на искусен, професионален столар. Охрабруваме да се пријавуваат жени и млади лица.

Во работилницата го имаме основниот алат и материјали за спроведување на активностите. Задолжително е материјалот искористен да биде пред се од остатоци од мебел индустријата, материјал кој се наоѓа кај нас. Слободни сте да користите и други материјали во помала мера. Слободни сте да користите и ваш алат кој не е ставен на располагање од наша страна. Слободни сте да го доработувате делото и дома.

Работилницата е ограничена на 10 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од столарот и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот. Ваше е да понесете лична заштитна опрема (заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина. 

Работата во рамки на оваа работилница ќе се одвива самостојно. Пријавувањето е на принципот - прво пријавени - прво запишани. Пријавувањето е отворено најдоцна до 18 јуни.

Материјали кои ќе се употребуваат: иверка, медијапан, дрво. Материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба.

Предметите кои ќе бидат изработени во рамки на работилницата која е поддржана од ГЕФ ПМГ РСМ, ќе бидат донирани, односно подарени и изложени на 13-тото издание на Ехо Фестивалот на планински филм, а учесниците ќе бидат промовирани пред јавноста.

Оваа работилница е дел од проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, спроведуван од страна на Здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а финансиски поддржано од ГЕФ ПМГ РСМ. Компании поддржувачи на работилницата: Акрон, Фамод, Бранимир компани, Про-дизајн, Југоимпекс, Дрвотекс, Блажич, Монозеро, Прима промет, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн. Благодарение на таа поддршка, пилот работилницата ќе биде бесплатна.

 

Столарството е предизвик со кој ќе се гордеете.

 

Што е Креативна столарска работилница?

Тоа е кратка работилница во кој ќе имате можност да сработите предмет според ваш план и идеја под водство на професионален столар и при тоа да ги надградите вашите лични вештини од областа на столарството, односно употребата на рачни алати и претставува одлична можност за да прашате столар за нешто што ве интересира.

Во рамки на работилницата учесниците ќе ги унапредат своите вештини и знаење и ќе стекнат нови вештини и знаења во однос на столарството; ќе изработат предмет со кој ќе се гордеат, но најважно, ќе поминат квалитетно време дружејќи се со други креативци при кое ќе си ги разменат знаењата и искуствата. 

При тоа благодарение на компаниите-поддржувачи кои ни донираат парчиња - остатоци од нивното производство (покрај тоа што имаме бесплатен материјал) учесниците ќе се стекнат со креативно размислување како да го употребат материјалот со сите ограничувања кој тој ги поставува. А како резултат на тоа, нашата активност ќе го намали потенцијалното создавање на отпад од мебел индустријата.

 

Работилницата на кратко:

  • Активна надградба на столарските вештини низ работа.
  • Развивање на креативно размислување за употреба на материјали.
  • Активности два пати неделно.
  • Искусни професионалци ви го пренесуваат своето знаење од столарската професија.
  • Ве поврзува со професионалци.
  • Активностите се одвиваат во работилница во централно градско подрачје.
  • Работилниците се развиени од професионалци и експерти во својата област.

 

Кој може да учествува на работилницата?

Основни критериум за учество на работилницата:

  • Да се полнолетни - наполнети 18 години или повеќе.
  • Да имаат завршено најмалку основно образование (пожелно средно образование).
  • Да имаат способност јасно да комуницираат на македонски јазик.
  • Да имаат основни познавања по математика.
  • Да имаат искуство или желба за работа со рачен алат.
  • Да имаат искуство или желба за работа со рачен електричен алат.
  • Да се обврзат на полно учество во работилницата.

Се охрабруваат да се пријават жени и млади лица.

Пожелно е да имате или да сакате да си извадите осигурување против незгода.

 

Програма на работилницата:

21 јуни Ориентација, осмислување на проектот, избор на материјал и подготовка на материјалот.
23 јуни Кроење на материјалот и подготовка за спојување.
28 јуни Спојување на материјалот
30 јуни Завршни работи.

Цел: креативно размислување во рамки на постоечки ограничувања

Проект: Ехо - Статуетка за најдобар еколошки филм

Материјал: остатоци од иверка, медијапан и дрво.

Вештини: по ваш избор.

Алати: по ваш избор.

 

 

Прашања кои ве мачат:

 

Колку трае програмата

  • Програмата вкупно трае 8 часа, распределени во четири дена, два пати неделно: вторник и четврток.
  • На 21, 23, 28 и 30 јуни, од 18 до 20 часот.

 

Дали програмата е цело време во работилница

  • Да

 

Дали ни треба алат?

  • Во работилницата имаме доста алат, но добредојдени сте да понесете и свој.

 

Како да се пријавам за работилницата?

 

Дали треба нешто да понесам со себе?

  • Потребно е да имате своја лична заштитна опрема која ќе се состои од: проѕирни заштитни наочари; заштитни ракавици кои ќе ви бидат удобни, а кои ќе ве заштитат од можни шпици; FFP2/N95 заштитна маска за лице, која пожелно има издувен вентил; и тампони за уши за заштита на слухот во случај кога работите со бучни алати.

 

Што доколку не сум финансиски способен да си набавам лична заштитна опрема?

  • Слободно обратете ни се, ќе најдеме начин како да Ви помогнеме.

 

Каде може да извадам осигурување во случај од незгода?

  • Осигурување во случај од незгода може да извадите од било која осигурителна компанија, а чини околу 1200 денари годишно.

 

Како да се облечам за на активностите?

  • Облеката треба да ви биде соодветна како за работа. Можно е понекогаш да има прашина, а можно е понекогаш да има и масло. Во тоалетот може да се преслечете.

 

Дали просторот има прозор за вентилација?

  • Просторот се наоѓа едно ниво под земја, но е поврзан и има отворен пристап до двор со што има можност за природна вентилација, дополнително постои и систем за вентилација.

 

Дали има паркинг за велосипеди?

  • Пред просторот, на ул. Димитрие Чуповски, на прометна и видлива локација има паркинг за велосипеди на Општина Центар од типот „П“, каде може да се врзат четири велосипеди.

 

Како можам да пристигнам до работилницата со автобус?

  • Доколку користите автобус, најсоодветно е да земете автобус кој ќе ве однесе до „Багат“, односно „Рекорд“ или „Музичка младина“, броеви: 3, 4, 5, 7, 15, 21, 22, 24, 26, 33, 44, 50, 57 и 59.

 

Каде може да паркирам автомобил?

  • Просторот се наоѓа во строгиот центар на градот каде паркингот е многу ограничен. Најдобро е да паркирате во една од катните гаражи или поголемите паркинзи, па да поодите пешки.

 

Која е цената за учество во работилницата?

  • Цената за учество во работилницата е 250,00 денари од час. Оваа работилница има вкупно 8 часа односно 2.000,00 денари. Меѓутоа, благодарение на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје и поддршката од ГЕФ ПМГ РСМ, оваа работилница е бесплатна.