Глобален еколошки фонд   Програма за мали грантови -

- ГЕФ ПМГ Република Северна Македонија

-----   Локални акции за глобално влијание   ----- 

Столарска работилница за хобисти:

Креативно и функционално со иверка - Д-Фест клупа од остатоци од иверка

 

   Столарска хоби работилница од вкупно 10 часа (2 часа по термин) на 26, 31 мај, 2, 7 и 9 јуни, секој вторник и четврток од 17:30 до 19:30 ч во просториите на Пасворд продакшн, каде се одвиваат активностите на Столарскиот едукативен центар, на ул 8ма ударна бригада бр. 39/-1.

   Наменета е за хоби столари кои имаат основно знаење и искуство, а сакаат да ги подобрат своите вештини преку работа под водство на искусен, професионален столар. Охрабруваме да се пријавуваат жени.

   Во работилницата го имаме потребниот алат и материјали за спроведување на активностите. Ваше е да понесете лична заштитна опрема (заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина. 

   Работилницата е ограничена на 10 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од столарот и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот.

   Работата во рамки на оваа работилница ќе се одвива во парови. При пријавувањето се пријавувате како поединец, а паровите се формираат на првата средба. Пријавувањето е на принципот - прво пријавени - прво запишани.

   Материјали кои ќе се употребуваат: иверка. Материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба.

   Оваа работилница е дел од проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, сроведуван од страна на здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а финансиски поддржано од ГЕФ ПМГ РСМ. Компании поддржувачи на работилницата: Акрон, Фамод, Бранимир компани, Про-дизајн, Југоимпекс, Дрвотекс, Блажич, Монозеро, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн. Благодарение на таа поддршка, работилнициата ќе биде бесплатна.

   Предметите кои ќе бидат изработени во рамки на работилницата која е поддржана од ГЕФ ПМГ РСМ, ќе бидат донирани, односно подарени и изложени на Д-фестивал за да ги користат посетителите, а столарите да бидат промовирани пред јавноста.

 

Столарството е предизвик со кој ќе се гордеете.

 

Што е Столарска работилница за хобисти?

   Тоа е кратка работилница во кој ќе имате можност да сработите одреден проект под водство на професионален столар и при тоа да ги надградите вашите лични вештини од областа на столарството и претставува одлична можност за да прашате столар за нешто што ве интересира.

   Во рамки на работилницата учесниците ќе ги унапредат своите вештини и знаење и ќе стекнат нови вештини и знаења во однос на столарството; ќе изработат предмет со кој ќе се гордеат, но најважно, ќе поминат квалитетно време дружејќи се со други хоби столари при кое ќе си ги разменат знаењата и искуствата. 

   При тоа благодарение на компаниите-поддржувачи кои ни донираат парчиња - остатоци од нивното производство (покрај тоа што имаме бесплатен материјал) учесниците ќе се стекнат со креативно размислување како да го употребат материјалот со сите ограничувања кој тој ги поставува. А како резултат на тоа, нашата активност ќе го намали потенцијалното создавање на отпад од мебел индустријата.

 

Работилницата на кратко:

  • Активна надградба на столарските вештини низ работа.
  • Развивање на креативно размислување за употреба на материјали.
  • Активности два пати неделно.
  • Искусни професионалци ви го пренесуваат своето знаење од столарската професија.
  • Ве поврзува со професионалци.
  • Активностите се одвиваат во работилница во централно градско подрачје.
  • Работилниците се развиени од професионалци и експерти во својата област.

 

Кој може да учествува на работилницата?

Основни критериум за учество на работилницата:

  • Да се полнолетни - наполнети 18 години или повеќе.
  • Да имаат завршено најмалку основно образование (пожелно средно образование).
  • Да имаат способност јасно да комуницираат на македонски јазик.
  • Да имаат основни познавања по математика.
  • Да имаат искуство во работа со рачен алат.
  • Да имаат искуство во работа со рачен електричен алат.
  • Да се обврзат на полно учество во работилницата.

Се охрабруваат да се пријават жени и млади лица.

Пожелно е да имате или да сакате да си извадите осигурување против незгода.

 

Програма на работилницата:

26 мај Ориентација, појаснување на проектот, избор на материјал и подготовка на материјалот.
31 мај Кроење на материјалот.
2 јуни Кроење на материјалот и подготовка за спојување.
7 јуни Спојување на материјалот
9 јуни Завршни работи.

Цел: усовршување вештини за изработка на елемент за седење

Проект: Д-Фест клупа (клупа инспирирана од Д-фестивал)

Материјал: остатоци од иверка.

Вештини: изработка на правоаголна коцка; кроење на материјалот, работа со алатот и друго

Алати: стабилен циркулар, рачен циркулар, рачна убодна пила, дупчалка.

 

Прашања кои ве мачат:

 

Колку трае програмата

  • Програмата вкупно трае 10 часа, распределени во пет дена, два пати неделно: вторник и четврток. На 26, 31 мај, 2, 7 и 9 јуни, од 17:30 до 19:30 часот.

 

Дали програмата е цело време во работилница

  • Да

 

Дали ни треба алат?

  • Не. Целиот алат кој ви треба го имаме во работилницата.

 

Како да се пријавам за работилницата?

 

Дали треба нешто да понесам со себе?

  • Потребно е да имате своја лична заштитна опрема која ќе се состои од: проѕирни заштитни наочари; заштитни ракавици кои ќе ви бидат удобни, а кои ќе ве заштитат од можни шпици; FFP2/N95 заштитна маска за лице, која пожелно има издувен вентил; и тампони за уши за заштита на слухот во случај кога работите со бучни алати.

 

Што доколку не сум финансиски способен да си набавам лична заштитна опрема?

  • Слободно обратете ни се, ќе најдеме начин како да Ви помогнеме.

 

Каде може да извадам осигурување во случај од незгода?

  • Осигурување во случај од незгода може да извадите од било која осигурителна компанија, а чини околу 1200 денари годишно.

 

Како да се облечам за на активностите?

  • Облеката треба да ви биде соодветна како за работа. Можно е понекогаш да има прашина, а можно е понекогаш да има и масло. Во тоалетот може да се преслечете.

 

Дали просторот има прозор за вентилација?

  • Просторот се наоѓа едно ниво под земја, но е поврзан и има отворен пристап до двор со што има можност за природна вентилација, дополнително постои и систем за вентилација.

 

Дали има паркинг за велосипеди?

  • Пред просторот, на ул. Димитрие Чуповски, на прометна и видлива локација има паркинг за велосипеди на Општина Центар од типот „П“, каде може да се врзат четири велосипеди.

 

Како можам да пристигнам до работилницата со автобус?

  • Доколку користите автобус, најсоодветно е да земете автобус кој ќе ве однесе до „Багат“, односно „Рекорд“ или „Музичка младина“, броеви: 3, 4, 5, 7, 15, 21, 22, 24, 26, 33, 44, 50, 57 и 59.

 

Каде може да паркирам автомобил?

  • Просторот се наоѓа во строгиот центар на градот каде паркингот е многу ограничен. Најдобро е да паркирате во една од катните гаражи или поголемите паркинзи, па да поодите пешки.

 

Која е цената за учество во работилницата?

  • Цената за учество во работилницата е 250,00 денари од час. Оваа работилница има вкупно 10 часа односно 2.500,00 денари. Меѓутоа, благодарение на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје и  поддршката од ГЕФ ПМГ РСМ, оваа работилница е бесплатна.