Индекс на артикл

Четврток, 26 ноември 2020 година Скопје: Возењето велосипед и велосипедската мрежа се едно од решенијата за намалување на последиците од климатските промени - велат од Одржливи иницијативи и НаТочак

       Како места каде живее најголем дел од населението, градовите имаат огромен потенцијал за намалување на последиците од климатските промени, промоцијата на користење на велосипед низ градот директно влијае врз намалување на емисиите на стакленички гасови од транспорт. Лицата кои користат велосипед за своите дневни потреби влијаат на намалување до 84% од емисиите на СО2 во однос на патниците на моторни возила. Затоа НаТочак заедно со здружението на граѓани Одржливи иницијативи (познати во јавноста по својот Велосипедски социјален центар „Педала“) се впуштија во мисија да ја подигнат јавната свест и да поттикнат промена кај граѓаните, но и кај општинската и градската админстрација преку кампањата #СоТочакЗаКлима.

Во изминатиот месец, НаТочак и здружението на граѓани Одржливи иницијативи подготвија информативни постови на тема: точакот и климатските промени, односно за позитивното влијание на велосипедот во однос на намалувањето на климатските промени. Во процесот, покрај информативни постови по социјалните медиуми, се подготви и видео на оваа тема кое промовира користење велосипед во Скопје како чекор кон подобра иднина. 

       „Точакот е решение за многу урбани проблеми: од сообраќаен метеж, слободно паркинг место, почист воздух, па сè до намалување на климатските проблеми.“ изјавува Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи, „Со ова видео сакаме да го опишеме искуството на возење точак во Скопје со сите свои убавини и недостатоци, да ги пофалиме сите граѓани кои се борат со ситуацијата, возејќи велосипед; да покажеме дека градската администрација работи на изработка на велосипедски патеки; но најважно од сè - да поттикнеме уште граѓани да одберат велосипед и градот и општините уште повеќе да инвестираат во велосипедската сообраќајна инфраструктура.“

Од НаТочак додаваат дека „да се има функционална, поврзана, велосипедска мрежа во градот е вистинскиот начин за да видиме значајно зголемување на употребата на велосипедот. Тоа е примерот кој е воспоставен во светот. А тоа ќе придонесе кон подобар живот во Скопје и поздрава животна средина.“

Видеото беше изработено од група професионалци со огромен ентузијазам. „Екипата која го сними видеото беше извонредна, сите на точаци снимаа на локации низ Скопје. Трудот и енергијата која ја вложија се мери само со нивната љубов кон точакот, бидејќи буџетот беше толку ограничен што одвај стигаше за трошоците.“ кажува Ранташа Бојан. Режија: Игор Христов, сценарио: Ивана Нелковска, снимател: Никола Спасеноски, монтажа: Горан Вуќиќ, тон: Димитар Маневски, а како протагонист е младата глумица Тамара Ристоска, како и уште помладата Касиа Гинова.

„Како социјално ангажиран уметник решив да помогнам во овој проект со идеја дека силата на киното ќе допре и промени некој.“  вели режисерот Игор Христов, „Сите ние од екипата возиме точак и ги разбираме проблемите. Беше малку лудо цела екипа на точаци низ Скопје да се преместува од локација до локација со скапа опрема, но ни беше забавно и предизвик. Задоволен сум од екипата и енергијата која се ширеше  на снимањето. Благодарам на Тамара Ристоска за професионалноста и споделеното лично искуство. Благодарам и на сите граѓани кои случајно или намерно се вклучија во овој мал но важен прокет, кој се надевам ќе остане само како еден документ за денешното возењето точак во Скопје.“

Видеото е достапно на социјалните медиуми, на фејсбук и на инстаграм на НаТочак и на Педала. А од НаТочак и од Одржливи иницијативи се надеваат дека со ова ќе поттикнат поголема поддршка за развојот на велосипедската сообраќајна инфраструктура.

       Според третиот национален двогодишен извештај за клима, податоците за 2016 година укажуваат дека 28,1% од емисијата на стакленички гасови доаѓаат од секторот транспорт, во споредба, во Европската Унија каде изнесува 24,3%, а на глобално ниво е 22%. Додека Европската Унија, како и бројни други светски сили се заложуваат да ја намалат емисијата на стакленички гасови зa 55% до 2030 година.

       Изработката на видеото го поддржаа Вардар Филм, Арт проект лаб, Лавинија Софрониевска, Бајк Маркет и Bicycle.МК. Кампањата и снимањето на краткиот филм беше поддржана од страна на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, спроведуван од Еко Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а финансиски поддржан од Европската Унија.


За понатамошни информации, Ве молиме контактирајте ги:

НаТочак: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Бојан Ранташа: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Игор Христов: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

 

За ЦОИ:

Центарот за одржливи иницијативи основан е во 2008.

Неговата мисија е да овозможи одржлив развој на заедницата обезбедувајќи стручност и поддржувајќи граѓански иницијативи.

 

За НаТочак:

Група ентузијасти, оформена во 2012, првично околу идејата за Критична маса во Скопје, сега и со цел подобро велосипедско Скопје.

 

Забелешка за уредници:

Од феноменот Простор анти корона кон одржлива трансформација на градовите http://natochak.blogspot.com/2020/10/blog-post.html 

Велосипедот како едно од решенијата за загадувањето и климатските промени https://natochak.blogspot.com/2020/11/blog-post_25.html 

Cyclists have 84% lower daily CO2 lifecycle travel emissions than non-cyclists, new study finds https://www.ecf.com/news-and-events/news/cyclists-have-84-lower-daily-co2-lifecycle-travel-emissions-non-cyclists-new 

 

Линк до видеото:

https://www.youtube.com/watch?v=zBALooW7oV4 

 

Фотографии: 

https://www.facebook.com/pg/NaTochak/photos/?tab=album&album_id=3397751926959262 

https://photos.app.goo.gl/By5jG6RTNRns5e226

Ве молиме кредитирајте го ЦОИ за фотографиите, доколку не е наведено поинаку.